И познатите ги тресе интернет треска
Многу малку време имам за да го минувам пред компјутер, но најчесто пред спиење седнувам по некоја минутка да ѕирнам што има... Профилите ми служат како музичка визит-карта и освен за контакт со моите фанови, ги користам и за договарање настапи... Ова се само дел од размислувањата на нашите познати фаци кои не кријат дека се повеќе или помалку зависници од интернет
Сајтовите за дружење и комуникација како Facebook, HI5, My Space... кај нас стануваат се попопуларни. На нив во последниве месеци се имаат зачленето многу интернет почитувачи, а ваквиот тренд не ги заобиколи ниту познатите личности.
Многу јавни личности се приклучија кон масовната интернет треска, а на некои профилите им ги имаат направено верни фанови. За оние кои не знаат, на пример, Facebook е сајт на кој секој може бесплатно да креира профил, да постави слики, да разговара со другите корисници, да разменува и да поставува интересни апликации и видеоклипови. Корисниците за да се разонодат и да им биде интересно можат да си праќаат подароци, да разменуваат бакнежи, да решаваат квизови, да се зачленат во многубројни политички, спортски и музички групи. Со еден збор, овие сајтови се наменети за игра без граници, а многу наши домашни славни фаци си играат и се забавуваат на овој начин. Некои се почетници, а другите се зависни од овие сајтови и се длабоко навлечени во виртуелните дружења.
Кого се можете да најдете на FACEBOOK?
Прочепкавме, додуша многу мака не е потребна, бидејќи само со едно внесување на име и презиме, се разбира, ако сте член на страницата можете многу лесно да ја најдете бараната личност - и еве што откривме. Меѓу многуте кои се дел од големото Facebook семејство ги најдовме пејачката Наташа Мијатовиќ - Мијата, која паралелно е дел и од My Space, потоа Билјана Каран, Ламбе Алабакоски, Биба Додева, каратистот Дејан Недев, Киро Колемишевски (екс Нокаут), манекенката Радица Лелова, Маја Вукиќевиќ, Ѓорги Шаревски, Тамара Тодевска, Александра Пилева, фудбалерот Влатко Гроздановски, водителот Петар Ѓошев, Влатко Илиевски (Морал), моделката Катарина Иванова, Маријана Станојковска. Од најдените рекордерка по бројот на пријатели е Весна Петрушевска, а не може да се занемари ниту фолкерката Јасмина Мукаетова, која, за жал, профилот на Facebook, за разлика од оној на Hi5, не си го посетила одамна, иако на него сместила галерија од професионални и аматерски фотки. Интересни и се и неколкуте коментари оставени од обожаватели низ светот, кои, меѓу другото, ја канат на турнеи.
ШТО РЕКОА ПОЗНАТИТЕ?!
Интернетот е ТОП!
Елвир Мекиќ
"Имам профил на My Space, ама речиси воопшто не го користам. Профилот на Hi5 го отворам редовно и речиси на сите оние кои ми пишуваат им одговарам. Многу малку време имам за да го минувам пред компјутер, но најчесто пред спиење седнувам по некоја минутка да ѕирнам што има".

http://vecer.com.mk/?ItemID=3D0407272F71094EA9117D8267C5A8D0